Од изборот на новиот ирански претседател Хасан Рохани пред два месеца, Иран активира 7.000 нуклеарни центрифуги, најавувајќи со тоа дека тој е само новото лице на стариот режим, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Ова е четврти пат од минатиот петок Нетанјаху да го критикува Рохани, покажувајќи со тоа дека Иран останува и понатаму главна тема за израелскиот премиер и најголем безбедносен предизвик со кој се соочува Израел.
Нетанјаху, меѓу другото, во последните шест дена предупреди дека за Иранците треба да се суди според нивните акции, а не според зборовите, а дека тие дејствија не се смениле иако зборовите станале поблаги.
– Инсталацијата на новите центрифуги, вклучувајќи и 1.000 модернизирани модели за зајакнато збогатување на ураниум, е доказ дека Иран не го сменил правецот. Иранскиот претседател се обидува да му претстави ново лице на Западот, но напредокот на оваа земја во нуклеарната програма продолжува, истакна Нетанјаху.