Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху имал тајна средба со јорданскиот крал Абдула Втори во Аман на која е разговрано околу ризикот од добивање на сириско хемиско оружје од страна на исламистичките бунтовници или борците на Хезболах.
Две телевизии и неколку информативни портали цитираа неименувани израелски претставници, што го потврдиле текстот во лондонскиот арапски дневен весник „Ал Кудс ал Араби“ дека е одржана таква средба.
Портпаролот на Нетанјаху одби да ги коментира тврдењата.
Израелската телевизија Канал 2 објави дека Нетанјаху и Абдула Втори имале многу долг разговор за соработката со Јордан за судбината на сириското хемиско оружје. Телевизијата не објави повеќе детали околу разговорите.