Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху го откажа утрешното патување во Москва, каде требаше да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
И Нетанјаху и Путин се согласиле средбата да се одржи по неколку дена, а тие утре ќе имаат телефонски разговор посветен на регионалните прашања, ситуацијата во Сирија и јакнење на безбедносната соработка на Русија со Израел.
Утрешната средба би била прва откако во септември минатата година над Сирија беше соборен руски авион. Авионот беше соборен по грешка од страна на сириската противвоздушна одбрана за време на израелски напад и загинаа 15 руски војници.
Русија за инцидентот го обвини Израел, а кабинетот на Нетанјаху оттогаш безуспешно се обидува да организира средба со Путин.
Според израелските медиуми Нетанјаху ја одложи утрешната средба бидејќи се очекува здружување на двете партии кои му се главни ривали во изборната кампања пред изборите закажани за 9 април.