Заложничката криза во Алжир заврши со уште повеќе жртви, а деталите останаа се уште нејасни, изјавија американскиот и британскиот министер за одбрана.
Министрите за одбрана на Америка и Британија, Леон Панета и Филип Хамонд, ги обвинија милитантите кои ја зазедоа гасната постројка во Сахара, а не алжирската влада, за нејзината акција за ослободување на заложниците.
Хамонд рече дека губитокот на животи е ужасен и неприфатлив, пренесе АП. “Единствената одговорност ја сносат терористите”, им рече тој на новинарите.
Според алжирската државна агенција, специјалните сили денес упаднаа во комплексот во финалниот удар со кој се заврши четиридневната заложничка криза.
Во извештајот на агенцијата не е речено дали има преживеани заложници или екстремисти, ниту е соопштена националноста на жртвите.
Хамонд не ја критикуваше директно алжирската влада која ја водеше операцијата за спасување. Се чини, сепак, дека тој се приклучи на светските лидери поради недостаток на транспарентност кога станува збор за алжирската антитерористичка операција.
“Бараме од алжирците детали за точната ситуација и бројот на загинати, како и бројот на спасени, доколку ги има”, додаде Хемонд.
“Различни земји имаат различни пристапи како да се решаваат вакви ситуации”, рече тој. “Сепак, природата на соработка, кога станува збор за справување со глобалните закани е таква што ние понекогаш работиме со луѓе кои работите ги решаваат поинаку, малку поинаку од нас.”
Панета рече дека многу работи останаа нејасни за тоа што се случило во зафрленото гасно поле Аменас.
„Знаеме дека се изгубени човечки животи”, рече тој и додаде – „Исто како што ние не можеме да прифатиме терористички напади врз нашите градови, не можеме да прифатиме ни напади на нашите граѓани и на нашите интереси во странство. Оние кои ја напаѓаат “нашата земја и нашиот народ нема да имаат место за криење”.
Панета се враќа во САД денес подоцна.