Нема масовно распоредување на кинески воени сили долж границата со Северна Кореја, јави денеска кинеската државна агенција Ксинхуа, по растот на тензиите на Корејскиот Полуостров.
– Извештаите за масовно распоредување на воени сили не се точни, изјави претставник на кинеското Министерство за одбрана, кој ги демантираше странските вести за префрлување на кинеските воени единици долж границата со Северна Кореја.
– Кина мошне внимателно го следи развојот на моменталната ситуација на Корејскиот Полуостров и секогаш била приврзана кон зачувувањето на мирот и стабилноста во североисточна Азија, додаде кинескиот претставник.
Пјонгјанг во вторникот предупреди дека странските организии, компании и туристи во Јужна Кореја треба да ја разгледаат можноста за заминување од таа земја, бидејќи ситуацијата на Корејскиот Полуостров се приближува кон „термонуклеарна војна“.
Кина изминатите недели постојано повикуваше на мир и дијалог за Корејскиот Полуостров, изјаснувајќи се против евентуалната конфронтација.