Десетици држави од целиот свет денеска ветија речиси 2,4 милијарди американски долари за финансирање на дистрибуција на вакцини против Ковид-19 во рамките на програмата Ковакс, со која СЗО се обидува да ги направи вакцините подостапни за луѓето во посиромашните земји.
Најавите за донации, што се движеа индивидуално од 2.500 американски долари од островската држава Маурициус, до десетици милиони долари и дози на вакцини од поголеми и побогати земји, дојдоа за време на видеосамитот организиран од Јапонија и Глобалната алијанса за вакцини (ГАВИ), што ја спроведува програмата Ковакс заедно со Светската здравствена организација.
„Направивме голем чекор кон заштитен свет. Собраните средства го зголемија вкупниот буџет на Ковакс на 9,6 милијарди долари, нагласи Жозе Мануел Баросо, претседател на ГАВИ.
Јапонскиот премиер Јошихиде Суга, чија влада вети 800 милиони долари, го нарече резултатот исклучително значаен чекор кон еднаков пристап до вакцините.
Механизмот Ковакс, кој досега дистрибуираше 77 милиони дози во 127 земји, има за цел да го забрза пристапот до 1,8 милијарди дози вакцини, опфаќајќи скоро 30 проценти од популацијата на сиромашните нации.
Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека неговата земја дава дополнителни 50 милиони долари на Ковакс, со што вкупната државна донација е 130 милиони долари.
Канада, Шведска, Австрија, Швајцарија и Луксембург беа меѓу другите земји кои најавија нови донации, како и Шпанија коај вети 15 милиони дози и 50 милиони евра.
Потпретседателката на САД Камала Харис истакна дека САД учествуваат во финансирањето на Ковакс со износ од две милијарди долари оваа година и две милијарди долари наменети за следната година, но таа не даде посебни најави за ново американско финансирање.