Неексплодираната муниција што ја оставиле единиците на НАТО во Авганистан при повлекувањето од земјата, е причина за зголемениот број цивилни жртви, покажуваат податоци на ОН.
Од 2008 година, 53 авганистански цивили, од кои повеќето деца, биле убиени или ранети од заостаната муниција околу базите на Меѓународните сили на НАТО во Авганистан (ИСАФ) или на полигони.
Неексплодираната муниција, не само на НАТО, туку и на бунтовниците, била причина за смртта на 363 цивили во 2012 година и на 240 во периодот јануари – јуни 2013, изјави Мохамад Седик Рашид, директор на Координативниот центар на ОН за дејствија против мините.
– Ако проблемот не биде решен, многу е веројатно бројот на жртви да се зголеми, затоа што многу луѓе бараат неексплодирана муниција, за да ја продадат, појаснува Рашид.
Според него, проблемот е во тоа што мерките за расчистување на теренот од експлозиви не се спроведуваат правилно.
Согласно Конвенцијата за забрани или ограничувања на користење на некои видови конвенционално оружје од 1980 година, земјите-членки на НАТО од кои повеќето се земји потписнички на Конвенцијата, се должни да ја отстранат муницијата од местата кои ги напуштаат.