Еден од кандидатите на мисијата „Марс еден“, Џозеф Рош тврди дека проектот за населување на луѓе на Црвената планета е измама и начин да се одземат пари за целосно неостварлива мисија.
Имено поранешниот научник на организацијата НАСА, се пријавил за проектот само поради љубопитност, но потоа влегол во потесен избор на кандидати кои треба до 2024 година да заминат за Марс.
Но, тој тврди дека не е вистина дека повеќе од 200.000 луѓе се пријавиле за оваа мисија, туку само 2.760, како и дека психолошката и физичка подготвеност не влијае на тоа кои кандидати ќе бидат изберени, туку само парите.
-Штом сте аплицирале ќе станете дел од „Марс еден“ заедницата и од самиот почеток добивате поени. Ако поминете повеќе кругови на тестирање, ќе имате повеќе поени, но тоа нема да влијае на вашата позиција на листата. Доколку сакате да напредувате мора да купите облека од нив или да им донирате пари-тврди Рош.
Научникот вели дека иако влегол во потесниот круг од 100 кандидати, до сега не запознал никој од мисијата, како и дека сите договорени состаноци се откажани.
Според него проблем е и тоа што еден од главните спонзори го откажал своето учество, така што тој смета дека првите луѓе дури за 100 години ќе може да заминат да живеат на Марс.
Од друга страна, директорот на мисијата Бас Ландсдорп тврди дека за проектот аплицирале повеќе од 200.000 лица.
Е. Г.