Шумските пожари во последните години станаа толку разорни, што научниците мораа да измислат нов термин за да ја опишат нивната големина.
Претходно, најголемите шумски пожари се опишуваа со зборот мегапожар, кој се однесува на пожари што изгореле речиси 500 милиони квадратни метри, но сега пожарите голтаат и поголеми површини.
Сега има термин „гигапожар“ и се однесува на огнената стихија која изгоре речиси пет милијарди квадратни метри. И тоа се случи, и сè уште се случува, во Калифорнија.
Во Калифорнија во понеделникот е регистриран првиот ваков „гигапожар“ во поновата историја, откако пожарот наречен „Августовски Комплекс“ изгоре речиси пет милијарди квадратни метри во северниот дел на оваа американска сојузна држава.
Пожарот почна како неколку одделни пожари, кои почнаа од удар гром во август. Овие помали пожари на крајот се споија во поголеми комплекси пожари со кои пожарникарите се борат со недели. Досега само 58 проценти од пожарите се под контрола, информира Си-Ен-Ен.
Пожарите низ Калифорнија изгореа скоро 20 милијарди квадратни метри оваа година, што е скоро двојно повеќе од рекордната 2018 година.
„Августовскиот комплекс“ не е првиот „гигапожар“ во историјата на САД, иако во земјата во последните 10 години не се регистрирани пожари со толкава големина. Последниот ваков „гигапожар“ во САД е регистриран во сојузната држава Алјаска во 2004 година, а пред тоа беше во 1988 година во сојузните држави Ајдахо и Монтана.
Што се однесува до другите делови од светот, годинава е регистриран еден „гигапожар“ во Австралија, кога два пожара на границата на државите Викторија и Нов Велс се споија во еден и изгореа 7,4 милијарди квадратни метри.
Научниците се согласуваат дека климатските промени се главниот виновник за невидените пожари годинава.