За десет години ќе имаме технологија со која ќе може да се предвидуваат земјотреси, изјави Масаши Камогава, професор по физика на јапонскииот универзитет „Токио Гакугеј“.
Јапонскиот научник, кој е дел од тим кој работи на систем за рано предупредување за земјотреси, ваквата најава ја даде на четвртиот Светски самит на меѓународниот универзитетски конзорциум за вселенско инженерство (УНИСЕК).
Професорот во интервју за агенцијата БТА појасни дека основни признаци за земјотрес се температурата на подземните води и промените во јоносферата.
– Досега, ние можевме да го набљудуваме покачувањето на електричното полнење (во атмосферата) до четири часа пред земјотрес. Системот овозможува овие аномалии да се набљудуваат и при земјотрес, додека тој се случучува длабоко под дното на океанот. Освен тоа се следат и подземните електрични струи и ослободувањето на електромагнетни бранови од самиот епицентар на земјотресот, објасни Камогава.
Тој додаде и дека таа технологија воопшто не е скапа и ќе биде лесно достапна.
– Системот може да послужи и за предвидувања на цунами. Тогаш ефектот во јоносферата е спротивен – при образување на бранот се намалува електричното полнење во тој атмосферски слој. Тоа е индикација дека започнува цунами, дополни Камогава.