НАТО годинава нема да одржи вонреден Самит, што се најавуваше дека ќе се случи во Брисел во текот на престојново лето.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според високи извори од Алијансата, кои инсистираат на анонимност, вонредниот Самит кој беше планиран со цел да се постигне договор за статусот на НАТО во Авганистан по повлекувањето на меѓународните сили во 2014 година, ќе биде заменет со два министерски состаноци, од кои едниот е веќе закажан за 23-ти овој месец на кој ќе присуствува и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.
Информацијата за откажување на годинешниот вонреден Самит, на амбасадорите на земјите-членки на НАТО и на државите што учествуваат во мисиите на Алијансата, меѓу кои е и Македонија, им била соопштена на вчерашниот состанок на Северноатлантскиот совет (НАК).
Притоа, исто така било нагласено дека и ќе се отстапи од редовната пракса за „претставување“ на американски претседател во годината по неговиот избор или реизбор пред членките на Алијансата. Така, претседателот на САД, Барак Обама, нема да дојде во седиштето на НАТО ниту летово кога ќе допатува во Европа по повод Самитот на групата Г-8 во Северна Ирска.