НАТО денеска ја критикуваше „опасната и неодговорна“ нуклеарна реторика на Русија, еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин објави дека Москва ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
„НАТО е внимателен и внимателно ја следиме ситуацијата. Не видовме никаква промена во позицијата на Русија за прашањето за нуклеарното оружје што би не навело да ја прилагодиме нашата позиција по тоа прашање“, изјави портпаролот на НАТО, пренесе Ројтерс.
Тој додаде дека сојузниците во НАТО ги почитуваат нивните меѓународни обврски, додека Русија постојано ги прекршува договорите за контрола на вооружувањето и неодамна го суспендираше учеството во Новиот договор СТАРТ.
Москва и Минск се договорија да постават тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, изјави вчера претседателот на Русија во интервју за телевизијата „Русија 24. Тој прецизираше дека изградбата на складиштето ќе биде завршена на 1 јули, пренесе РИА Новости. Претседателот на Русија посочи дека ќе распоредат оружје без да ги прекршат обврските од договорот СТАРТ.