НАТО ќе одржи итен состанок на барање на Полска, која се повика на членот 4 од договорот за НАТО, откако две лица загинаа во експлозија во Пржеводов, село во источна Полска во близина на границата со Украина, јавува Ројтерс. Висок претставник на американското разузнавање изјави дека источна Полска била погодена од руски ракети, јави Асошиејтед прес, додека Пентагон вели дека нема информации кои потврдуваат дека станува збор за руски проектил.
Членот 4 од договорот за НАТО го опфаќа сценариото во кое земја-членка се чувствува загрозена од друга земја или терористичка организација. Страните меѓусебно ќе се консултираат секогаш кога, според мислењето на која било од страните, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните е загрозена“, се вели во договорната клаузула.
Потоа, 30-те земји-членки започнуваат формални консултации на барање на засегнатата членка. Во разговорите се разгледува дали има закана и како да се спротивстави, а одлуките се носат едногласно.
Меѓутоа, членот 4 не значи дека ќе има директен притисок за дејствување. Овој механизам за консултации е лансиран неколку пати во историјата на НАТО. Еден пример е пред една година, кога турските војници беа убиени во напад од Сирија.
Во тој случај НАТО беше консултиран, но не презеде ништо.