Американската агенција за астрономија и вселенски истражувања (НАСА) денеска внимателно го следи движењето на астероидот што е доволно голем да уништи еден град, а за кој се предвидува дека попладнево ќе прелета крај Земјата.
Во соопштението на НАСА се наведува дека астероидот наречен „2012 ДА 14“, со пречник од 45 метри, околу 20,25 часот по средноевропско време ќе прелета на околу 27.000 километри од Земјата.
-Таа далечина е доволно далеку од нашата планета и групата сателити што кружат околу неа, вклучувајќи ја и Меѓународнарта вселенска станица, Се предвидува, сепак, дека прелетот на астероидот „2012 Да 14“ ќе се случи на досега најмала оддалеченост од Земјата за еден објект од ваква „големина“, истакна НАСА.
Агенцијата тврди дека нема причина за стравување, додавајќи дека „ Следењето на астероидот и заштитата на нашата планета од нив е еден од приоритетите на НАСА“.
Научниците наведуваат дека астероидот што денеска ќе мине крај Земјата ни од блиску не е толку голем како оној со пречник од 10 километри што од лицето на Земјата ги избриша диносаурусите, но, во случај да ја погоди Земјата, може да уништи едно поголемо урбано подрачје.
Астрономите најавуваат дека астероидот ќе може да се види со помал телескоп на подрачјето на Источна Европа, Австралија и Азија.