Астрономи што трагаат по планета двојник на Земјата открија егзопланета, која е досега најслична на нашата, потенцијално карпеста планета што кружи околу своја ѕвезда на иста далечина како Земјата околу Сонцето, соопшти Американската вселенска агенција.
Не само што се наоѓа во идеална зона, во која животот е можен бидејќи не е премногу топла, ниту премногу ладна за вода во течна состојба, туку и нејзината ѕвезда потсетува на постара сестра на нашето Сонце, наведува НАСА.
Оваа егзопланета, наречена Кеплер 452б, што се наоѓа на 1.400 светлосни години од нас според научниците може да даде увид во апокалиптичната иднина на Земјата.
За откривање на оваа планета е заслужен вселенскиот телескоп Кеплер, вреден 600 милиони долари, што е лансиран во 2009 година со задача да открива нови светови слични на нашите.
– Кеплер 452б кружи околу Сонцето како што е нашето, но 1,5 милијарди години постаро, наведува НАСА во своето соопштение. Неговата ѕвезда е за четири проценти поголема и за 10 проценти посветла од Сонцето.
Доколку Кеплер 452б се покаже дека е карпеста планета, тогаш е многу веројатно дека е сведок на застрашувачко сценарио, каде под влијание на топлината на нејзината ѕвезда испрауваат сите езера, мориња и океани.
– Ако Кеплер 452б е карпеста планета, од нејзината позиција во однос на ѕвездата може да се заклучи дека таа влегува во фаза на стаклена градина на својата климатска историја, изјави Даг Калдвел, истражувач од Институтот за истражување на вселенска интелигенција (СЕТИ).
Постои можност растечакта енергија на нејзиното сонце да ја загрева нејзината површина и резултира со испраување на нејзините океани. Водената пареа би можела засекогаш да исчезне од планетата, нагласи тој.
– Моментално Кеплер 452б најверојатно го доживува тоа со што Земјата ќе се соочи за повеќе од милијарда години, кога Сонцето ќе почне да старее и да биде посветло, истакна Калдвел.
Кеплеровата мисија е лансирана во 2009 година со задача да го истражи Млечниот пат во потрага по планета на која е можен живот. – Денеска, по неколку илјади нови откритија, астрономите се на чекор да пронајдат нешто за што луѓето сонуваат со години, а тоа е друга Земја, соопшти денеска НАСА најавувајќи го откритието на егзопланетата Кеплер 452б.
НАСА денеса го објави и каталогот со кандидати за егзопланети, во кој на досегашните 4.175 вселенски тела откриени од вселенскиот телескоп се додадени уште 500 нови, потенцијални планети.