Руски беспилотни летала цели три и пол часа го гаѓаа украинското пристаниште Измаил, на Дунав во областа Одеса, предизвикувајќи значителна штета на инфраструктурата, а неколку згради се запалија, неколку часа пред денешната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Сочи, каде се очекуваат разговори за обновување на извозот на жито од украинските пристаништа на Црното Море.
Гувернерот на Одеса, Олех Кипе, на Телеграм рече дека нема жртви или повредени во повеќечасовниот напад со руски беспилотни летала на пристаништето Измаил, но дека магацините и производствените капацитети, како и земјоделската механизација и опрема се оштетени во пошироката област на градот, објави Ројтерс.
Околу 17 беспилотни летала беа соборени, но некои ги погодија нивните цели, рече Кипер.
По полноќ, украинските воздухопловни сили побараа од жителите на пристаништето Измаил, едно од двете најголеми извозни пристаништа на Дунав, да останат во засолништа.
Путин и Ердоган денеска треба да се сретнат во руското црноморско одморалиште Сочи, додека ОН и Анкара се обидуваат да го оживеат договорот меѓу Москва и Киев, постигнат со посредство на Светската организација и Турција, за извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море. Москва се повлече од договорот за Црното Море во јули, жалејќи се дека рускиот извоз на храна и ѓубрива се соочува со пречки и дека украинското жито извезено според договорот не допира до оние на кои им е потребно.
Оттогаш, руската авијација често ги напаѓа пристаништата на Дунав, на кои, по блокадата на договорот, Украина го пренасочуваше извозот на жито. Во неделата Русија изврши напад на пристаништето Рени, на Дунав, при што најмалку две лица беа повредени, а инфраструктурата беше оштетена.