Најмалку шестмина авганистански цивили загинаа, а 37 се ранети во денешниот самоубиствен напад со автомобил-бомба врз конвој на меѓународните сили на НАТО во Кабул, изјави претставник на Министерството за здравство, јави БТА.
– Немаме можност да ги идентификуваме загинатите, телата се непрепознатливи поради експлозијата, изјави Сајад Кабир Амири, началник на болничките служби при Министерството за здравство.
Силите на НАТО потврдија дека експлозијата била насочена против нивниот конвој. Во меѓувреме авганистанска бунтовничка група Хезб-и-ислами, поврзана со талибанците, ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад.
Портпаролот на групата рече дека за цел биле избрани воени советници од САД.
– Го планиравме нападот повеќе од една седмица, тој беше насочен кон американски советници, изјави Харун Заргун, портпарол на Хезб-и-ислами. Според него, експлозијата убила 12 Американци. Бунтовниците, меѓутоа, често го преувеличуваат бројот на жртвите.