Шестмина авганистански војници беа убиени во Кабул во самоубиствен бомбашки напад врз нивниот автобус, со кој оделе на работа.
– Повредени се десет, меѓу нив има и цивили, изјави Фарид Афзали, началник на полициската служба во Кабул.
Според талибанците, кои ја презедоа одговорноста за нападот, убиени се 12, а повредени 13 лица.
Нападот бил извршен од напаѓач-самоубиец, кој пеш се приближил до армискиот автобус. Нападот бележи обновување на кампањата врз владините сили по паузата во нападите врз градот.
Засега талибанците откажуваат директни преговори со владата. Во исто време петмина авганистански ученици беа убиени во воздушен напад на меѓународните сили во провинцијата Парван. Засега ИСАФ не излезе со соопштение за инцидентот.