Најмалку осум лица загинале во пожар во текстилна фабрика во престолнината на Бангладеш, Дака, соопшти ДПА, повикувајќи се на локални официјални претставници.
Меѓу загинатите се сопственикот на фабриката и полицаец. Шестмина други се повредени. Пожарот избувнал синоќа на приземниот кат од фабриката, што се наоѓала во 11-катна зграда.
Гаснењето на пожарот траело два часа.
Се претпоставува дека пожарот бил предизвикан од куса врска, посочија претставници на противпожарната служба.
Огнот избувнал во момент кога фабриката била затворена. Се води истрага за утврдување на причините за инцидентот.
Мноштво текстилни фабрики во земјата вчера беа затворени од безбедносни причини, откако осумкатната зграда, во која имаше пет шивалници, се урна на 24 април, одземјаќи го животот на неколкустотици лица.
Две недели по трагедијата е потврдена смртта на најмалку 803 лица. Од под урнатините беа извадени 2.437 преживеани.
Спасувачките екипи стравуваат дека бројот на жртвите ќе продолжи да расте.