Најмалку 52 лица загинаа во земјотресот што денеска го погоди Пакистан со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала, а ги потресе и североисточен Авганистан, Пакистан, Северна Индија, Непал и Таџикистан, пренесуваат француските медиуми.
Француските медиуми јавуваат за стотина повредени лица во долината Сват, повикувајќи се на податоци од локалната болница.
Нема информации за жртви и разурнувања во Авганистан, во чија престолнина Кабул имало многу силно лулање на зградите.
Во Њу Делхи зградите од силниот потрес се лулале цела минута, што стотици исплашени луѓе ги натерало да истрчаат на улиците.
Во Пешавар, во североисточен Пакистан, се урна една зграда. Властите засега немаат информации за евентуални жртви, пренесе ДПА, повикувајќи се на портпаролот на службата за вонредни ситуации.
Во северните региони на земјата веќе неколку часа има прекин во електричната енергија и телефонските комуникации. Крај Аботабад биле предизвикани неколку свлечишта, соопшти очевидец за пакистанскиот весник „Дон“.
Земјотресот е регистриран на длабочина од 196 километри, а епицентарот бил на 82 километри југоисточно од градот Фејзабад, во оддалечен регион на Авганистан, во планините Хиндукуш.