Најмалку 30 лица настрадаа, а 105 ја преживеаја несреќата кога брод преполн со патници удрил во карпа и потоа потонал во реката Конго.
Несреќата беше иницијална каписла за немири, бидејќи луѓето бесни заради негрижата на властите за безбедноста во реките во ДР Конго, ги запалија седиштата на неколку државни институции.
– Има 105 преживеани и за сега од реката извадивме 30 тела. Потрагата продолжува, рече портпаролот на провинциската Влада, Монулфе Босо.
Несреќата се случила во понеделникот кога брод преполн со луѓе удрил во карпа и се превртел во близина на селото Јакусу, на околу 35 километри северно од провинцискиот главен град Кисангани.
– По заминувањето од Кисангани, на бродот имало вишок од 39 лица, барем според извештајот што им е предаден на властите. Тие се обиделе да ја измамат речната управа бидејќи примиле повеќе патници во текот на патувањето, рече Босо.
– Примивме многу повеќе луѓе, бродот носеше многу стока и беше, исто така, преполн со патници. Удри во карпа и потона, додаде тој.
Делегација на Владата на Конго денеска пристигна во градот Исанги, местото во кое бродот требаше да пристигне, каде демонстранти, главно млади луѓе, организираа протест.
– Ги запалија канцелариите на речната полиција и на поморските сили. Тоа се млади лица кои се лути заради загубата на роднини во несреќата. Тие тврдат дека властите не проверуваат дали доследно се применуваат безбедносните процедури, рече Босо.
Бродските несреќи се честа појава во Конго и секоја година во нив страдаат голем број луѓе, без разлика дали станува збор за несреќи на реките или во езерата во оваа африканска држава.
Причините главно се исти – пренатрупани пловила што се наоѓаат во лоша состојба, недостиг од појаси за спасување, како и фактот дека многу луѓе не знаат да пливаат.
Најмалку 129 лица загинаа на почетокот на овој месец кога во езерото Тангањика потона брод преполн со патници, а во март во несреќа на езерото Алберт животот го загубија 210 лица.