Израелската војска повторно бомбардираше станбени згради во Беит Лахија во Газа, при што загинаа најмалку 19 Палестинци, додека цивилите во опколениот северен град бараат преживеани по претходниот напад во кој загинаа речиси сто луѓе, објави Ал Џезира.
Последното израелско бомбардирање погоди неколку куќи во сопственост на семејството Ал-Лух, соопшти палестинската цивилна одбрана во Газа.
Нападот се случи помалку од 24 часа по бомбардирањето на петкатницата во сопственост на семејството Абу Наср во Беит Лахија, во која меѓу 93-те жртви има најмалку 25 деца, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Израелската армија тврди дека ги „проверува извештаите за нападот“, а главниот сојузник на Израел – Соединетите Американски Држави – го нарече нападот „страшен“.
Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права (ОХЧР) во соопштението рече дека е „згрозена“ од бомбардирањето, нагласувајќи дека тоа е еден од најсмртоносните поединечни напади во Газа во речиси три месеци.
Заменик-командантот на елитните сили на Хезболах Радван е убиен во неодамнешниот воздушен напад, соопшти ИДФ.
Според израелската војска, Мустафа Ахмад Шахади, кој служел како заменик началник на Радван, бил убиен во напад на борбен авион во Набати, јужен Либан.
ИДФ во соопштението рече дека Шахади „режирал бројни терористички напади против државата Израел“ и дека неговата елиминација била „дел од напорите за деградирање на способностите на силите Радван на Хезболах.
„Се верува дека групата Радван планирала инвазија на северен Израел, во заговор на Хезболах кој на крајот не успеа. Шахади претходно беше шеф на операциите Радван за време на борбите во Сирија меѓу 2012 и 2017 година, додаде ИДФ.