Најмалку 15 лица загинаа денеска при воздушен напад на силите на Мисијата на НАТО во Авганистан во источната авганистанска провинција Кунар, соопшти локалната полиција.
Началникот на полицијата во Кунар, Абдул Хабиб Саед Каили инфромира дека меѓу загинати има деветмина цивили, вклучително и жени и деца.
Каили нагласи дека инцидентот се случил кога американско беспилотно летало ракетирало пик-ап возило со кое патувале тројца арапски и тројца авгнистански милитанти.
Од друга страна, Командата на силите на НАТО во Кабул соопшти дека при нападот биле ликвидирани десет милитанти.
– Станува збор за прецизен воздушен напад во кој загинаа десетмина припадници на непријателските сили, изјави портпаролката на НАТО, Анмари Анисели, додавајќи дека нема информации за цивилни жртви при нападот.
Кунар важи за едно од упориштата на талибанските бунтовници во Авганистан.