Во текот на деведесетите години човекот кој себе си се нарекуваше Томас Квик, а чие вистинско име е Стуре Бергвал, призна повеќе од 30 нерешени убиства, а осуден е за осум од нив. Со години беше познат како „најголемиот шведски сериски убиец“. Сега, меѓутоа, се испостави дека Бергвал не убил никого, туку само лажно признал дека ги извршил злосторствата за да биде забележан, битен и славен.
Стуре Бергвал денес има 62 години, а веќе 20 години е затворен во психијатриската болница со најголем степен на обезбедување, во близина на Стокхолм.
До неодамна важеше за најсуровиот шведски сериски убиец. Во деведесеттите беше медиумска сензација, признавајќи ги еден по еден сите неразјаснето случаи на убиства.
Го нарекуваа „шведскиот Ханибал Лектор“, а неговото лице со наочари можеше да се сретне во сите весници и на ТВ екраните.
За неговиот случај во 2008. година се заинтересира и Ханес Рестам, еден од најпочитуваните шведски сниматели на документарни филмови, кој своите сознанија подоцна ги објави во книгата: „Томас Квик-создавање на серискиот убиец“.
Го посетил Бергвал на клиниката, прочешлал 50.000 страни од судската документација и на сопствено изненадување заклучил дека за пресудите на Бергвал не постои ниту еден единствен доказ.
Нема траги на ДНК. Нема оружје со кое е извршено убиството. Нема сведоци. Телата на жртвите не се пронајдени таму каде што Бергвал тврдеше дека ги закопал или ги сокрил.
Освен тоа, во убиствата кои ги признал, нема метод, типичен за сите сериски убијци. „Убивал“ мажи, жени и деца, во село и во град, во Норвешка и во Шведска, ги „силувал“, ги „касапел“ и ги „јадел“, или со други зборови измислувал без граници.
Следејќи ги трагите, Рестам заклучил дека Бергвал врз основа на податоците кои ги добивал во текот на сослушувањето и тераписките сеанси од полицијата и психијатрите, успевал да смисли некакви логични приказни за убиствата.
Сакал да биде како најкрволочните убијци
Поради што некој би признал најсурови злосторства кои не ги извршил, а кои повлекуваат тешки казни? Рестам го открил одговорот и на тоа прашање.
Во менталната институција, опкружен со престапници и криминалци, со психички нестабилни но интелегентни. Бергвал воочил дека најголемо внимание и „углед“ уживаат тие чии престапи се најтешки.
Во меѓувреме Бергвал во повторените судења е ослободен за пет од осумте убиства за кои беше осуден. Ревизијата на преостанатите процеси допрва следи, како и потрагата по одговорот: каде се вистинските убијци?
„Најстрашно е што и натаму на слобода се убијците кои никогаш не се приведени на правдата“, вели Џени Кистим која заедно со Рестам го истражуваше овој случај.