Лидерот на британска Партија на независноста на Обединетото Кралство (УКИП), Најџел Фараж ги предупреди шкотските гласачи да ја отфрлат понудата на сепаратистите за независност, затоа што надвор од Велика Британија тие „уште веднаш ќе ја загубат независноста влегувајќи во ЕУ“.
Фараж, кој важи за најевроскептичниот британски политичар и заговара Велика Британија уште веднаш да ја напушти ЕУ, во Глазгов рече дека сепаратистите на Шкотланѓаните им продаваат „лажна перспектива“ за подобар живот и за тоа дека ќе бидат „свои на своето“.
Тој смета дека таквите ветувања се невистините и неискрени, бидејќи властите во „независна Шкотска“ ќе немаат друга опција, освен веднаш да се определат за влез во ЕУ, како и за прифаќање на еврото.
Лидерот на УКИП порача дека сепаратистите, предводени од Алекс Салмонд и натаму ги уверуваат приврзаниците на независноста дека Шкотска ќе ја задржи фунтата, иако знаат дека за тоа ќе мора да бидат во монетарна унија со „остатокот на Велика Британија“, кој пак веќе соопшти дека тоа нема да се случи.
– Идната валута на земјата е ахиловата петица на Салмонд, затоа што се покажа дека тој нема резервен план за тоа што ако остатокот на Британија не прифати монетарна унија со отцепената држава, изјави Фараж, кој нагласи дека во услови кога Лондон соопшти дека не сака да има заедничка валута со нејзината досегашна територија, сепаратистите ќе мора веднаш да бараат спас во ЕУ, а тоа ќе значи дека ќе се најдат под контрола на Брисел.
– Во такви услови не гледам зашто Шкотланѓаните би гласале за независност, изјави Најџел Фараж.
На последните евроизбори, УКИП освои 10 отсто од гласовите во Шкотска и едно пратеничко место во Европскиот Парламент од тој дел на Велика Британија, па лидерот на партијата тврди дека евроскпетицизмот не е својствен само за Англичаните.
Фараж побара од британската кралица Елизабета да се вклучи во кампањата против отцепувањето на Шкотска. Тој се согласува дека кралицата е надвор од политиката, но дека сега станува збор за опстанокот на Велика Британија, што според него, е силен мотив кралицата да им се обрати на Шкотланѓаните и на сите Британци.