Лидерот на партијата на независноста на Обединетото Кралство (УКИП), Најџел Фараж го искористи денеска фестивалот на Евровизија, за нова пресметка со Брисел и ЕУ, како и со домашните политичари околу британската европска политика.
Според Фараж, кој важи за најевроскептичниот британски политичар, музичкиот фестивал што по 59 пат, годинава се организаира во Копенхаген, е „полн со предрасуди“ кон Велика Британија, па затоа со години на ред британските претставници немаат никаков успех и редовно се потиснати на дното, поради „пристратсното и нефер гласање“ на другите земји учеснички.
– Не само што не го гледам преносот на фестивалот, туку и ја мразам Евровизија, поради предрасудите на Европа кон нас (Британците), изјави Фараж за лондонското ЛБЦ радио, предвидувајќи уште еден неуспех, овој пат на младата пејачка Моли Смити Доунс.
За овој британски политичар, односот на Евровизија кон Велика Британија, само покажува колку тешки ќе и биде на Британија да обезбеди добар договор со ЕУ, во новите преговори на Лондон со Брисел.
На почетокот од минатата година, британскиот премиер Дејвид Камерон најави референдум за напуштање на ЕУ, што би се одржал до крајот на 2017 година. Референдумот би се одржал, доколку конзервативците на Камерон победат на изборите во мај 2015 година и откако, претходно, Британија и Унијата постигнат спогодба за идните британско-европски односи, со враќање на низа овластувања што сега му се префрлени на Брисел.
Велика Британија петпати победила на Евровизија, но последен пат во 1997 година, а лидерот на оваа партија, која нема ниту едно пратеничко место во британскиот Парламент, тврди дека причината за тоа е некоректниот однос на другите во Европа кон Британците.
– Ако вака се однесуваат кон нас околу настапите на Евровизија, како ли ќе се однесуваат кога ќе почнеме да преговараме со Брисел, па затоа делува смешно верувањето на премиерот Камерон за постигнување договор со ЕУ, вели Најџел Фараж.
Според најновите испитувања на јавното мислење, УКИП, која заговара напуштање на ЕУ, не само што ќе биде пред ториевците на Камерон на евроизборите, туку може да излезе и како победник, најмногу поради распалената антиевропска кампања во Велика Британија.