Над 80 тела се пронајдени два дена откако поплави ја зафатија северната авганистанска провинција Баглан, соопшти денеска провинциски службеник.
Полицијата и локалните жители трагаат по исчезнати додека војската со хеликоптери доставува основни средства на илјадниците луѓе што останаа без своите домови.
Шефот на полицијата во дистриктот Гузирга иНур во провинцијата Баглан Фазел Рахман изјави дека бројот на загинати во поплавите што го погоија регионот во петокот е зголемен на 81 лице. Околу 850 домови во неколку села се целосно уништени, а над 1.000 се оштетени од поројните дождови и поплави, нагласи Рахман.
Портпаролот на министерството за одбрана генерал Мојамед Захир Азими изјави дека воени хеликоптери помагаат за помош на погодените региони кои се наоѓаат 140 километри северно од главниот град на провинцијата Пули Кумри.
Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи формира комисија за забрзување на доставата на помош за погодените села и изрази длабоко сочувство со сите што загубиле некој близок во несреќата, се наведува во соопштението на претседателската палата.