Вкупно 80,7 проценти или 1,6 милиони Католонци во недела на неофицијалното гласање, кое што се одржало и покрај спротивставањата на властите во Мадрид, се изјаснија за независност на шпанската покраина Каталонија.
Според првичните резултати, кои што се објавени по пребројување на 88,4 проценти од гласачките ливчиња, Каталонците се изјасниле дека сакаат Каталонија да стане независна држава.
„Франс прес“ оцени дека овие резултати треба да се гледаат со резерва, бидејќи противниците најавиле дека ќе го бојкотираат симболичното гласање и додаде дека на изборите излегле само симпатизери за независност на Каталонија.
Шефот на каталонската влада Артур Мас на 27-ми септември распиша референдум за независност, но два дена подоцна Уставниот суд на Шпанија го забрани одржувањето на референдумот, поради што каталонските власти одлучија на 9-ти ноември да се одржи неофицијално гласање, кое го нарекоа „консултација“ за независност.
Инаку Каталонија е една од 17 автономни покраини во Шпанија, а официјално е признаена како историска нација во Каталонскиот автономен статут, кој што е усвоен во 1979 година во рамки на шпанскиот Устав од 1978 година.
Е. Г.