Во вториот круг директни избори за нов претседател на Чешка води пензионираниот генерал, поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, Петр Павел.
По пребројувањето на гласовите од 50 отсто од избирачките места, Павел води со 55,25 отсто освоени гласови, додека поранешниот популистички премиер, лидер на опозицијата, петтиот најбогат милијардер во Чешка, Андреј Бабиш (68) има 44,74 проценти од гласовите.
Модели базирани на нови технологии и вештачка интелигенција, кои се покажаа како исклучително прецизни во првиот изборен круг пред 14 дена, бидејќи првите гласови доаѓаат од селата и помалите градови, каде Бабиш ја има главната поддршка, додека Прага и големите градови традиционално се за десниот центар, предвидуваат дека победата ќе му припадне на генералот Павел со над 58 до речиси 60 проценти од гласовите.
Овие трети директни избори за претседател на Чешка се проследени со голем интерес на Чесите, излезноста достигнува речиси 70 отсто од 8,25 милиони регистрирани гласачи.
По невидено острата кампања која премиерот Петр Фијала ја нарече „одвратна“, и двајцата кандидати ветија дека нема да се однесуваат како поранешниот американски претседател Доналд Трамп и дека ќе го почитуваат изборниот резултат и ќе апелираат до своите гласачи да го почитуваат новоизбраниот претседател.
Новиот претседател ќе ја преземе функцијата во март, кога на актуелниот претседател Милош Земан му истекува вториот, според Уставот, последен претседателски мандат.
Чешкиот претседател има мали овластувања, но првите тројца претседатели, Вацлав Хавел, Вацлав Клаус и Милош Земан, како истакнати личности на чешката кадифена револуција и транзицијата кон пазарна економија и демократско општество, успеаја со личен авторитет, а Земан, повремено и отворено игнорирање на Уставот, да се здобијат со многу поголемо влијание.
Петр Павел е независен кандидат, либерален и проевропски ориентиран, додека Андреј Бабиш го поддржува претседателот во заминување Земан.
Извор: МИА