ДПА
Болниците во Пакистан прават напори да се справат со зголемениот број на лица заразени со коронавирус и губат пациенти за кои веќе немаат кислород.
– Се наоѓаме во критична ситуација која се влошува секој ден со нови инфекции, изјави Сајид Кајзер, генерален секретар на Пакистанското здружение на доктори.
Кајзер истакна дека болниците се полни со тешки случаи на Ковид-19.
Тој вели дека „нов пациент добива кревет ако има доволно среќа, некој друг пациент да биде отпуштен“.
Недостиг
Земјата се соочува со недостиг на респиратори и боци со кислород.
Најмалку седум пациенти починаа пред неколку денови во државната болница во северозападниот град Пешавар поради недостиг на резерви со кислород.
– Провинциската Влада започна истрага за случајот, рече локалниот министер за здравство Таимур Џагра.
Бројот на нови инфекции во изминатиот период постојано се зголемува, а од 2 декември државата регистрира 3.000 нови случаи дневно.
Починати над 8.000 луѓе
Бројот на потврдени случаи од почетокот на пандемијата во таа земја, со над 220 милиони жители, достигна 416.499, а починаа 8.361 лице.
Кајзер посочува дека голем број луѓе остануваат дома, па затоа не се ни тестирани на коронавирус. Пакистан минатиот месец ги затвори образовните институции за да го спречи ширењето на Ковид-19.
Но пазарите, деловните субјекти и јавниот превоз продолжуваат да работат, а опозициските партии одржаа масовни протести на кои луѓето не носеа маски и не одржуваа физичка дистанца.