Пакистанските власти забранија денеска поранешниот претседател Первез Мушараф да ја напушти државата, јавија локални медиуми.
Министерството за внатрешни работи издаде директива до имиграциските власти да го стават Мушараф на листата за контрола при излез. Министерството исто така упати известување до Федералната истражна агенција која се занимава со имиграциски прашања на аеродромите.
Мушараф кој првпат дојде на власт по воен удар во 1999 година се врати во неделата на 24 март, во Пакистан почетири години поминати во егзил во Лондон и Дубаи за да ја предводи својата партија на парламентарните избори на 11 мај.
Тој се соочува со неколку судски процеси од кои еден е за обвинувања за пропуст на владата да и даде обезбедување на поранешната премиерка Беназир Буто која беше убиена во 2007 година. Суд во Карачи продолжи престој на Мушараф на слобода со кауција по барање на неговата одбрана за да може тој да учествува на изборите. Нему сепак, му е забрането да ја напушти државата без дозвола на Судот.