Британска муслиманка, на која и се суди за заканување на сведок, доби дозвола да да седи со покриено лице во судот, но ќе мора да го крене никабот кога ќе сведочи.
Овој преседан го одобри судијата Питер Марфи од лондонскиот Блекраерс ројал корт, каде што и се суди на 22-годишната жена од лондонскиот кварт Хакни.
На претходното рочиште минатата недела, судијата Марфи побара жената да го крене никабот заради нејзина идентификација. Но, таа одби да го отстрани никабот, тврдејќи дека нејзините верски убедувања не и дозволуваат да го открие своето лице пред другите мажи во судот.
Бранителката Сузан Мик изјави дека барањето од судот би претставувало прекршување на човековите права на обвинетата, а и би било спротивно на британската традиција на толеранција на исламските обичаи.
Судот дозволи обвинетата да биде идентификувана во друга просторија од полицајка, а потоа да може да седи покриена со никаб.
Оваа пресуда се очекува да стане стандардна за слични ситуации во иднина.