Обвинувана дека стои зад најсмртоносните напади во Авганистан во последните години, межата „Хакани“ има репутација меѓу талибанците. Двајца негови претставници присуствуваат на дискусиите во Кабул за нова авганистанска Влада, заедно со водачите на движењето, кое веќе еднаш водеше земјата.
И покрај крвавата репутација, групата, која САД ја сметаат за терористичка, треба да игра голема улога во акциите на новиот талибански режим, кој ја презеде власта минатата недела.
Кои се Хакани?
Вооружената група е основана од Џалалудин Хакани, кој стана познат во 1980-тите како херој на антисоветскиот џихад. Во екот на Студената војна, овој патријарх беше вреден адут на ЦИА што се користеше против СССР. САД и нивните сојузници, како што е Пакистан, директно ги финансираа и вооружуваа муџахедините.
За време на десетгодишниот конфликт, чија цена беше одлучувачки фактор за распадот на Советскиот Сојуз, па дури и по повлекувањето на руските сили, Џалалудин Хакани одржуваше тесни врски со џихадистите од странство, вклучувајќи го и Осама бин Ладен.
Тој потоа се здружи со талибанците, кои ја презедоа контролата врз Авганистан во 1996 година по бруталната граѓанска војна меѓу командантите на теренот, во која загинаа десетици илјади и беше уништен Кабул. Како министер на исламистичкиот режим, тој остана на функцијата додека не беше соборен во 2001 година, по нападите на 11 септември од меѓународната коалиција предводена од Соединетите држави.
Џалалудин Хакани почина во 2018 година по долго боледување. На чело на мрежата е заменет од неговиот син Сираџудин.
Поради својата финансиска и воена моќ, како и крвавата репутација, мрежата „Хакани“ се смета за полуавтономна, иако е и под патронство на талибанското движење.
Сконцентирана главно во источен Авганистан (исто така, се чини дека и има бази преку границата, во северозападен Пакистан), вооружената група добива се повеќе на тежина меѓу талибанците. Во 2015 година, Сираџудин Хакани стана заменик на нивниот лидер.
Неговиот помлад брат Анас, кој некогаш беше затворен и осуден на смрт од претходната авганистанска Влада, преговара со поранешниот претседател Хамид Карзаи и поранешниот извршен директор Абдула Абдула по падот на Кабул минатиот викенд.
Зошто „Хакани“ предизвикуваат толку многу страв?
Мрежата „Хакани“ ја обвинуваат дека стои зад некои од најсмртоносните напади врз авганистанските и коалициските безбедносни сили во последните години.
САД ја гледаат како терористичка група, а,исто така, врз неа се наметнати и санкции од ОН.
Се верува дека Хакани често користел атентатори самоубијци, како возачи на автомобили или камиони со експлозив, или испраќал луѓе да упаднат во некое симболично место, знаејќи дека нема да преживеат. Тие се способни да спроведат сложени напади со бројни жртви против важни цели, особено воени локации.
Американскиот Национален антитерористички центар наведува дека во октомври 2013 година, авганистанските сили пресретнаа камион натоварен со околу 28 тони експлозив во источен Авганистан. Хакани, исто така, е обвинет за бројни атентати, вклучувајќи и обид за атентат врз поранешниот претседател Хамид Карзаи во 2008 година, киднапирања на службеници и западни граѓани, како за добивање откуп, така и за принудување на размена на затвореници.
Тие, исто така, веќе долго време се осомничени дека имаат врски со пакистанската војска, која постојано беше обвинувана од поранешниот авганистански режим дека сака да го дестабилизира Авганистан. Во 2011 година, американскиот генерал Мајк Мулен ги нарече „вистинска рака“ на разузнавачките служби во Исламабад. Изјава што Пакистан ја негира.
Мрежата „Хакани“ даде огромен придонес во напредувањето на талибанците, претставувајќи ја „нивната најспособна сила“, се наведува во извештајот на ОН објавен во јуни. Тој ја опиша милитантната група како „главна врска“ меѓу талибанците и Ал Каеда.
Која е нејзината улога во структурите на новиот талибански режим?
Мрежата „Хакани“ процевта во редовите на талибанците. Двајца нејзини лидери во моментов се во Кабул, каде што се разговара за формирање нова влада.
Бројни аналитичари забележуваат дека назначувањето на Сираџудин Хакани за заменик -шеф на талибанците дополнително ја зајакна улогата на групата.
Ослободувањето на неговиот брат Анас, кого авганистанските власти го држеа во затвор во 2019 година, се очекуваше да помогне во почнувањето на директните разговори меѓу САД и талибанците, што на крајот кулминираше со повлекување на американските војници.
Минатата година, Сираџудин Хакани дури и се почувствува должен да објави статија во „Њујорк тајмс“ во која на многу дипломатски начин ја претстави позицијата на талибанците за преговорите со Американците и конфликтот во Авганистан.
Додека Анас Хакани разговараше со Хамид Карзаи, неговиот вујко Халил во петокот водеше молитви во Кабул.
Со распишани потерници Сираџудин и Халил, САД за нив нудат милиони долари за информации што би можеле да им помогнат да бидат фатени.
Франс прес