Шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, денеска оцени дека во „догледна иднина“ е можно заживувањето на нуклеарниот договор со Иран, и покрај фактот дека за нов ирански претседател е избран ултраконзервативецот Ебрахим Раиси, кој должноста ќе ја преземе во август.
-Ние напредуваме чекор по чекор во секој циклус на преговори и тргнуваме од принципот дека во контекст на иранските претседателски избори постојат големи шанси да ги заклучиме во догледна иднина, рече Мас на заедничката прес-конференција со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Берлин.
Мас кажа дека преговорите за заживување на иранскиот нуклеарен договор, што се водат во Виена, не се лесни и дека тоа стана особено јасно во последните неколку недели и додаде дека многу технички прашања остануваат за решавање.
Три дена по претседателските избори во Иран, ултраконзервативецот Ебрахим Раиси во понеделникот изјави дека нема да одобри „преговори заради преговори за иранското нуклеарно прашање“, но додаде дека ќе бидат поддржани сите преговори што ги гарантираат иранските национални интереси.
Нуклеарниот договор меѓу Иран и водечките светски сили, потпишан во 2015 година, му понуди на Иран ослободување од санкциите на Западот и ОН во замена за неговата обврска никогаш да не развива нуклеарно оружје и драстично да ја намали својата нуклеарна програма, што е под строга контрола на ООН.
Овој договор беше поткопан во 2018 година со одлуката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп унилатерално да ги повлече САД од него и повторно да воведе американски санкции, кои според договорот можеа да бидат укинати.
Владата во заминување на претседателот Хасан Рохани со месеци преговара со другите потписнички на нуклеарниот договор – Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија – за да го отвори патот за враќање на САД во договорот и укинување на санкциите.