Партијата Народ на слободата (ПДЛ) на поранешниот италијански Силвио Берлускони денеска ја бојкотираше средбата на лидерите на владејачката коалиција и ја блокира работата на Парламентот во очекување на одлуката на Врховниот суд на Италија, кој би можел да му забрани на нејзиниот лидер да извршува јавни функции.
ПДЛ е еден од двата основни партнери на левоцентристичката коалициска Влада на премиерот Енрико Лета.
Врховниот суд денеска за 30 јули закажа сослушување по последната жалба на Берлускони по пресудата за даночна измама. Судот ќе се произнесе дали ја потврдува пресудата за Берлускони од четири години затвор и пет години забрана за извршување на јавни функвции поради соучесништво во даночната измама во неговата медиумската империја „Медиасет“.
Пресудата ја продлабочи кризата во италијанската Влада, која трпи критики и поради бавното темпо на имплементирање на реформите за заздравување на економијата.
Ако Врховниот суд ја потврди пресудата, 76-годишниот Берлускони најверојатно ќе ја избегне затворската казна поради возраста, но ќе биде отстранет од Парламентот, што ќе биде удар врз Владата на Лета.
Италијанскиот премиер синоќа изјави дека Владата „ќе преживее“ што и да се случи, но се претпоставува дека приврзаниците на Народот на слободата ќе се обидат да предизвикаат предвремени избори во октомври, ако Берлускони биде осуден.