Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Јужна Африка изјави дека решение за војната во Украина може да се најде само со елиминирање на основните причини за кризата.
Лавров рече и дека на средбата со американските колеги во Ријад било договорено „меѓународните односи да се градат врз основа на признавањето дека секоја земја има свои национални интереси“.
Тој рече дека на состанокот за изнаоѓање начин за ставање крај на војната во Украина, делегациите на САД и Русија разговарале дека е време „Западот да прифати нова рамнотежа на силите и да почне да гради односи со мнозинските држави во светот врз основа на взаемно почитување“.
Тој додаде дека на состанокот се разговарало и за тоа дека конфликтот во Украина може да се реши само со елиминирање на неговите основни причини, пренесува Спутник.
„Се повеќе се сфаќа дека решение може да се најде само со елиминирање на основните причини за кризата во Украина, вклучително и со исполнување на обврските за почитување на човековите права, вклучително и правата на јазикот и религијата, како и почитување на принципот на неделивост на безбедноста во Европа. На руско-американските преговори во Ријад се одржа детална дискусија на оваа тема“, нагласи рускиот министер.
Лавров рече дека неконтролираната финансиска поддршка и вооружувањето на режимот во Киев од страна на неговите покровители го спречува крајот на конфликтот и дека терористичките групи ширум светот се снабдуваат со западно оружје што „протекува“ од Украина.
„Заканата од меѓународниот тероризам останува акутна, откако доби нова димензија како резултат на воените авантури на НАТО во Ирак, Либија, Авганистан и Сирија. Терористичките групи ширум светот се снабдуваат со залихи на западно оружје што исчезнува од Украина“, нагласи Лавров.