Амбасадата на Русија во Прага побарала рускиот државјанин кој беше уапсен во Чешка по барање на САД да и биде испорачан на Москва, информираат чешките медиуми.
Како што јави дописникот на МИА од чешкиот главен град, лицето, кое се наоѓа во притвор, е осомничено за обид за кибер напад врз САД, односно за напад на професионалната мрежа Линкедин во 2012 година. За неговата екстрадиција ќе одлучи надлежниот прашки Суд.
Доколку Судот дозволи екстрадиција, конечната одлука за тоа ќе ја донесе чешкиот министер за правда Роберт Пеликан.
Според достапните информации, мрежата Линкедин била цел на хакерски напад, со цел кражба на податоци, при што била нарушена безбедноста на лозинките на некои членови.
Портпаролот на руската Амбасада во Прага, Алексеј Колмаков соопшто дека дипломатското претставништво официјално е информирано за задржувањето на рускиот државјанин на барање „на една од државите во САД“ и дека соработува со адвокатот на притворениот.
– Руската страна одбива да ја реализира праксата која ја форсираат САД во целиот свет при екстериторијалната јурисдикција. Ние инсистираме на предавање на уапсениот руски државјанин на Русија, истакна дипломатот.
Чешката полиција неодамна соопшти дека во соработка со американското Федерално истражно биро (ФБИ), уапсила руски хакер по кого била распишана меѓународна потерница.
Лицето, кое престојувало во Прага, по апсењето имало здравствени проблеми и било хоспитализирано во болница. Москва претходно негираше дека е вмешана во хакерските напади.