Египетскиот претседател Мохамед Морси ги повика сите политички сили во земјата да се сретнат утре во претседателската палата во Каиро со цел да почнат национален дијалог за изготвување на акционен план по референдумот за новиот устав.
Тој нагласи дека референдумот ќе се одржи, според предвиденото, на 15 декември и покрај спротивставувањето на опозицијата.
– Треба да почнеме национален дијалог, кој ќе ја обедини нацијата и ќе стави крај на расколот и конфронтациите, рече Морси во телевизиско обраќање кон нацијата.
На средбата освен акциониот план, посочи Морси, ќе се разговара и за судбината на Горниот дом на Парламентот по распуштањето на Долниот дом во јуни, а исто така и за изборниот закон и за другите проблеми со кои се соочува земјата.
Тој обвини некои од приврзаниците на опозицијата дека се уште им служат на елементите на стариот режим и се закани дека нема да толерира никого, кој работи за соборување на неговата, како што посочи легитимна власт.
Морси истакна дека и покрај протестите и незадоволството на опозицијата нема да ги укине указите од 22 ноември, со кои си ги зголеми овластувањата.
Во меѓувреме американскиот претседател Барак Обама телефонски разговараше со Морси, при што изрази длабока загриженост од насилството за време на протестите во Египет, во кои се убиени неколку лица, а стотици се ранети, соопшти Белата куќа.
– Претседателот нагласи дека сите политичкки лидери во Египет треба јасно да им посочат на своите приврзаници дека насилството е неприфатливо, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Обама го поздрави дијалогот на кои Морси ја повика опозицијата и додаде дека тој дијалог треба да се одржи без претходни условувања.
Египетската опозиција, пак, ги отфрли неговите повици за дијалог. Либералниот фронт за национален спас, кој ги обединува главните противници на Морси, како и движењата на младите ги отфрли преговорите со шефот на државата, се додека тој не ги исполни нивните главни барања – да го одложи рефередумот за уставот и да ја поништи уставната декларација, донесена на 22 ноември.
Водечкото продемократско движење „6 ноември“, кое има главна улога во распламтувањето на бунтот против поранешниот лидер Хосни Мубарак, исто така го отфрли повикот за дијалог.
Противниците на Морси синоќа го запалија главното седиште на Муслимански браќа во Каиро, изјави порртпатолот на исламистикото движење Махмуд Гозлан.
– Околи 200 демонстранти го нападнаа седиштето. Нашите чувари се обидоа да ги спречат, но некои успеаја да влезат на задната врата и да ја запалат зградата, која се уште гори, рече Гозлан.
Официјален претставник изјави дека пожарот е ставен под контрола и оти полицијата ги растерала демонстрантите подалеку од седиштето на ова движење, кое го поддржа Морси за време на неговото доаѓање на власт.
Египетските медиуми јавија дека е запалена уше една канцеларија на Муслимански браќа во јужно предградие на Каиро.