Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изјави утрово, пред состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ во Брисел, дека нема да се разговара за измени на режимот на санкции против Русија.
– Денеска не очекувајте одлука за тоа, порача таа и додаде дека санкциите кон Русија ќе бидат на дневен ред на самитот на шефови на држави и влади во март.
Членките на ЕУ се поделени во однос на ова прашање, бидејќи некои земји се залагаат за ублажување на санкциите, додека други инсистираат тие да останат или дури и да се заострат ако Русија не ги исполни сите точки од минатогодишниот мировен договор во Минск.