Дури 57 проценти од граѓаните на Европската унија сметаат дека неционалните медиуми во нивните земји не обезбедуваат информации што се ослободени од политички и комерцијален притисок, покажува годинешната анкета на Евробарометар за медиумскиот плурализам и демократија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, 60 отсто од европските граѓани сметаат дека националните јавни сервиси не се слободни од политичкиот притисок, а мнозинството Европејци се убедени и дека медиумските регулатори во нивните земји не се слободни и независени од политички, владин и комерцијален притисок.
Во своето денешно соопштение Европската комисија порача дека е целосно посветена на поддршка на медиумските слободи и дека медиумскиот плурализам е клучен заштитник на здравата демократија, заедно со слободата на изразувањето, како срж на основните демократски вредности на Унијата.
Сепак, анкетата на Евробарометар, спроведена во септември и октомври оваа година со 28 илјади жители на 28-те земји членки на Унијата, покажува различни гледишта за медиумските состојби во ЕУ од страна на нејзините граѓани и дека во очите на Европејците се уште треба уште многу работи да се поправат за да се обезбеди независност на националните медиуми и да се всади доверба во нив.
– Широкото искуство на говорот на омраза, злоупотребите и заканите во онлајн просторот, исто така, треба да се решиат за да се обезбеди сите граѓани да се чувствуваат безбедно и за да можат да се изразуваат на интернет, се наведува во соопштение на Еврокомисијата.
Конкретно, 57 проценти од испитаниците одговориле со целосно „не“ на прашањето „дали националните медиуми обезбедуваат информации што се ослободени од политички и комерцијален притисок“, а само 38 отсто од нив се изјасниле со „да“.
Посебно поразувачки за Европската унија е податокот дека 60 проценти од испитаниците сметаат дека националните јавни сервиси не се слободни од политички притисок, наспроти 35 отсто од нив што одговориле дека има слобода.
Тесно мнозинство од 53 проценти наспроти 44 отсто од испитаниците во Унијата се согласиле дека нивните националните медиуми обезбедуваат веродостојни информации, додека во однос на медиумите најголема доверба граѓаните имаат во радиото (66 отсто), па потоа следуваат телевизијата и хартиените и онлајн весници (55 проценти), додека само 32 отсто до испитениците имаат доверба во социјалните медиуми.
Според анкетата на Евробарометар, само тројца од десетмина од испитаниците (31 отсто) одговориле дека се запознати со телото што ги надгледува аудио-визуелните медиуми во нивната земја, додека дури осум од десетмина или воопшто не знаеле за ова тело или дале неточен одговор.
Дури половина од испитаните граѓани на ЕУ (46 проценти) сметаат дека нивните национални медиумски регулатори не се слободни и независни од политички, владин и комерцијален притисок. Притоа, забележани се значајни географски разлики во Унијата, па во 17 земји члени на ЕУ, мнозинството испитаници посочиле дека телото што ја надгледува работата на аудио-визуелните медиуми во нивната земја не е слободно и независно.
На крајот од оваа анкета, поддржана од Европската комисија, добиен е резултат дека 75 проценти од испитаниците имале можност да видат злоупотреба, говор на омраза или директни закани насочени кон новинари, блогери или лица што се активни на социјалните медиуми.
Исто така, половина од испитаниците одговориле дека се двоумат да влезат во дебата на социјалните медиуми поради случаите на говор на омраза и закани на истите.
– Широко распространетиот говор на омраза што го откри анкетата на Евробарометар, го истакна влијанието од злоупотреба и закани кон новинарите и кон новите медиумски актери. Ова треба итно да се реши и граѓаните треба да се чувствуваат слободни да се изјаснуваат во онлајн околината и новинарите мора да можат да работат слободно и без мешање. Еворпската комисија ќе се ангажира во заштита на новинарите, истакна Вера Јурова, еврокомесар за правда, потрошувачи и родова еднаквост.