Израелски војници денеска убија 19-годишна Палестинка за време на рација на Западниот Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Израелската армија информира дека војниците пукале во возило кое со голема брзина се движело кон нив откако тие му дале знак да застане и оти инцидентот се истражува.
Палестинското Министерство соопшти дека е убиена Сана ал Тал од околината на градот Бејтуни.
Палестинците, како и организациите за човекови права ги обвинуваат израелските војници за употреба на прекумерна сила против Палестинците без да бидат повикани на одговорност.
Армијата, пак, тврди дека е соочена со сложени ситуации опасни по живот.
Израелската полиција соопшти дека во одделен инцидент утринава, војник убил Израелец за кого мислел дека сакал да го нападне во градот Ранани, северно од Тел Авив.
Тензиите меѓу Израелците и Палестинците се зголемуваат со месеци, а израелската армија секоја вечер апси осомничени екстремисти откако 19 лица беа убиени во палестинските напади во Израел минатата пролет.
Извор: МИА