Министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Ри Јонг-хо, беше разрешен од функција како дел од главната реконструкција во Пјонгјанг.
Ри е роден во 1953 година, студирал на престижен колеџ за странски јазици во Пјонгјанг и зборува одлично англиски.
Од 2003 до 2007 година, тој бил како амбасадор на Северна Кореја во Лондон и работел како заменик министер за надворешни работи, претставувајќи го Пјонгјанг во преговорите за нуклеарната програма на Северна Кореја, објави порталот НК News.
Тој не се појави на седницата на Генералното собрание на ОН минатиот септември, откако ја претставуваше својата земја изминатите три години.
Неговото отсуство од групна фотографија на водечките севернокорејски функционери, направена во јануари, предизвика шпекулации дека тој можно е разрешен како дел од пошироката реконструкција што резултираше со видливи промоции и можни смени во воените, владините и други политички кругови.
Цитирајќи повеќе неименувани извори во Пјонгјанг, порталот наведува дека соборениот министер треба да биде заменет со Ри Сон-Гвон, поранешниот претседател на Комисијата за мирно обединување (ЦППР), кој одигра истакната улога во меѓукорејските разговори на почетокот на 2018 година.
НК News е американски портал за вести со седиште во Сеул, чии информации досега се покажаа прилично сигурни, јавија западни медиуми.
Разрешувањето на Ри може да предизвика значителна промена во дипломатската позиција на Северна Кореја, забележува порталот.
Официјалните медиуми од Северна Кореја не информираа за разрешувањето.
Според НК News, информацијата најверојатно ќе биде потврдена в четврток, кога во Пјонгјанг ќе се одржи прием за дипломати, а можеби и порано.
Цитирајќи извор во Пекинг, јужнокорејската новинска агенција Јонхап известува дека претставниците на Северна Кореја во Кина се вратиле во Пјонгјанг во саботата.
Тоа предизвика спекулации дека Северна Кореја може да ја преиспита својата стратегија за преговори за нуклеарни теми со САД.