Во џихадистичките напади ширум светот минатиот месец се убиени 5.042 луѓе, што покажува дека исламистичкиот екстремизам „е посилен од било кога“ и покрај намаленото влијание на Ал Каеда.
Екстремистите во ноември извршиле 664 напади во 14 земји, се наведува во заедничкото истражување на Би-Би-Си и Меѓународниот центар за истражување на радикализмот при Кралскиот колеџ во Лондон.
Борците на групата Исламска држава (ИД) во Ирак и Сирија се одговорни за половина од овие напади, односно извршиле 308 напади во кои загинал 2.206 лица.
– Овие податоци јасно покажуваат дека џихадистите и Ал Каеда не се веќе едно исто, се додава во извештајот.
Како што е наведено, 60 отсто од нападите ги извршиле групи кои немаат официјално сојузништво со Ал Каеда, што покажува дека станува збор за „растечко амбициозно, сложено, софистицирано движење“.
Најзагрозена земја е Ирак, каде се убиени една третина од вкупниот број загинати минатиот месец, а следат Нигерија, Авганистан и Сирија.