Идниот чешки претседател Милош Земан одби претседателската заклетва да ја потпише со уникатно пенкало, кое чини 40.000 евра и препорача парите да се дадат во добротворни цели, јави дописникот на МИА од Прага.
– Инаугурацијата нема да биде збогатена со посветено пенкало за еден милион круни, рече Земан додавајќи дека на компанијата и препорачал средствата да ги донира за училишен прибор на учениците од регионот каде им е седиштето.
Се уште актуелниот претседател Вацлав Клаус пред пет години заклетвата на функцијата ја потпиша со специјално пенкало изработено од злато и платина наменето исклучиво за претседатели.
Уникатното пенкало го изработи фирмата „Кох-и-нор Хармут“ од Чешке Будејовице, која до национализацијата беше ексклузивен снабдувач на пенкала со мастило за чехословачките претседатели.
Земан веќе ги избрал и соработниците во новиот Кабинет и нивните имиња ќе ги објави по инаугурацијата која ќе се одржи на 8 март во Свечената сала на Прашкиот замок.