Милибанд: Не може да го победам Камерон во убавина

Од:

Лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија Ед Милибанд призна дека не би можел на изборите да го победи лидерот на конзервативците и актуелен премиер Дејвид Камерон, доколку гласачите би ги вреднувале обајцата според нивниот изглед.

– Изгледот не е мојата предност и јас не би можел да го победам Камерон во убавина, рече Милибанд, додавајќи дека неговата вредност, како потенцијален иден британски премиер не е во тоа како изгледа, туку во она што го нуди и ветува.

Неговата изјава, иако дадена во шега, на десет месеци пред парламентарните избори во мај идната година, доби сосема друга димензија.

Зборувајќи за тоа кој од главните политички противници е поубав, Милибанд практично им прати порака на женските гласачи каде Камерон уште од порано стои многу подобро. Неговото младешко лице и настојувањето во јавноста да се појавува насмеан го прави актуелниот британски прмиер „попривлечно лице“ отколку Милибанд, кој иако е нешто помлад од Камерон многу ретко може да се види со насмевка.

Дури и политичките аналитичари во Лондон блиски до лабуристичката опција се согласуваат дека лидерот на опозицијата не може да се натпреварува со Камерон на тој план и дека тука нешто мора да се менува.

Милибанд има проблеми со синусите, што се забележува при неговите јавни настапи и покрај тоа што минатата година тој беше подложен на оперативен зафат. Според многумина, тој здравствен проблем го определува неговиот целосен изглед и особено влијае на впечатокот што го остава кога им се обраќа на гласачите.

Раководството на партијата, меѓутоа, ги отфрла сугестииите дека изгледот на Милибанд е хендикеп за нејзините шанси на наредните избори, објаснувајќи дека она за што се опредлуваат гласачите се партиските платформи.

Реакцијата на Милибанд за неговиот изглед е одговор на зачестените констатации во медиумите за тоа дека тој „не е добитна комбинација“ за лабуристите, како и дека со изгледот и настапот тој не би можел да биде иден британски премиер.

Ваквите написи зачестија по посетата на Милибанд на Вашингтон и средбата што во Белата куќа ја имаше со претседателот Барак Обама. Фотографиите од таа средба „само покажуваат дека Милибанд не е тој што може да го замени Камерон во Даунинг стрит 10, бидејќи тој не е човекот по кого треба да се препознава Велика Британија“, оценија дел од британските коментатори.

Ед Милибанд стана лидер на лабуристите во септември 2010 година, по оставката на тогашниот лидер Гордон Браун, кој се повлече по поразот на избороте. Изборот на Милибанд претсавуваше големо изненадување и предизвика бројни коментари во домашната јавност, затоа што тој во борбата за лидерската функција му се спротивстави на сопствениот брат Дејвид Милибанд, поранешен министер за надворешни работи, кој важеше за „сигурен победник“ на партиските избори.

Помладиот Милибанд победи со минимална разлика од 0,05 отсто само благодарејќи на гласовите на левичарските синдикати и на разните социјалистички групи кои учествуваат во гласањето, па во британската политичка јавност сегашниот лабуристички лидер е нарекуван и „Црвениот Еди“.

Дејвид Камерон е лидер на конзервативците од декември 2005 година. Според некои аналитичари, на изборите во мај 2010 година тој и неговата партија освоија најмногу гласови само поради „несимпатичниот карактер“ на Браун, но сепак не победија за да можат самите да создадат влада. Ториевците и либералдемократите тогаш формираа коалциска влада, иако идеолошки двете партии се наоѓаат на различни позиции.

Последните мерења на расположението на британските гласачи покажува дека лабуристите се во предност, но дека и натаму ниту една од главните британски партии не ќе може да смета на апсолутна победа. Либералдемократите уште од сега најавуваат дека овојпат ќе коалицираат со лабуристите.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство