Австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лејтнер денеска ја критикуваше Германија поради „целосно противречни сигнали“ во врска со бегалската криза.
Таа во својата изјава ги отфрли критиките на нејзиниот германски колега Томас де Мезиер упатени на сметка на Виена.
Микл-Лајтнер му порача на Берлин дека не може на Грците да им ветува понатамошна политика на отворени граници, а истовремено од Австрија да бара да ги запре сите имигранти кои сакаат да одат во Германија.
– Мора јасно да биде кажано дека пропуштањето почнува во Грција, нагласи австриската министерка за внатрешни работи, додавајќи дека тоа што нема да се направи на надворешните граници на ЕУ, не може да биде запрено од страна на земјите во балканската рута.
Доколку Германија сака Австрија да го намали утврдениот број од 3.200, колку што е одредено дневно да се пуштаат кон Германија, тогаш треба да го каже тоа, нагласи Микл-Лајтнер.
Австрија е подготвена за разговори, му порача таа на Берлин.
Микл-Лајтнер потенцираше дека Германија треба да се реши, бидејќи на Грција и ветува отворени граници, а притоа сака да прифати помал број имигранти, што е невозможно.
Таа, исто така истакна дека е незамисливо Австрија да ја зголеми дневната квота од 80 барања за азил, колку што одреди.