Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер денеска предложи Европската унија да оди директно во кризните подрачја по бегалците, за да се избегне актуелниот прилив на имигранти и да се спречат активностите на мрежите за трговија со луѓе.
– Предлагам да се согласиме во Европа за генерален контингент. Ние би оделе по нив во кризните подрачја, со цел криумчарите да не заработуваат на бегалците и потоа би ги поделиме во Европа, рече тој.
Мезиер не изнесе детали за начинот на кој треба да функционира изборот на бегалци и во кои услови, но неговата идеја е слична на онаа на британскиот премиер Дејвид Камерон, кој претходно изјави дека неговата земја ќе прими 20 илјади Сиријци, кои доаѓаат диреткно од бегалските кампови, поставени во соседството на Сирија.
Германија очекува да прими меѓу 800 илјади и милион баратели на азил оваа година, што е рекорд во Европа.