Меркел и министрите во Берлин ќе маршираат со муслиманите за поголема толеранција

Од:

Германската канцеларка Ангела Меркел и најголемиот дел од нејзиниот министерски кабинет вечерва во Берлин ќе учествуваат во маршот за „отворена и толерантна Германија“, што го организираат муслиманските лидери во земјата по минатонеделните џихадистички напади во Франција.

Портпаролот на германската Влада, Георг Штрајтер, на новинарите во Берлин денеска им кажа дека во маршот кај Бранденбуршката порта, покрај Меркел, ќе учествуваат и вицеканцеларот Зигмар Габриел, шефот на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмаер и други највисоки претставници на германската Влада, пренесуваат француските медиуми.

Меркел, заедно со францускиот претседател, Франсоа Оланд, и други светски лидери, вчера учествуваше во големиот париски собир на солидарноста, организиран по повод минатонеделниот масакр на 17 лица во три одвоени напади во француската престолнина.

Организатор на вечерашниот собир, Централниот совет на муслиманите во Германија, една е од десетината групи кои ги претставуваат интересите на околу четири милиони муслимани во оваа земја. Денешниот собир тие го нарекоа : „Да се најдеме едни за други. Терор: не во наше име“.

Во заедничкото соопштение на Централниот совет на муслиманите и коорганизаторот на собирот – турската заедница во Берлин, се наведува: „Ние муслиманите во Германија најостро ги осудуваме ужасните терористички напади во Франција. Во исламот нема оправдувања за таквите дела“.

Покрај вечерашниот марш на муслиманите за толеранција, што се оддржува во главниот град на Германија, во земјата, поточно повторно во Дрезден, ќе се оддржи уште еден собир, но во организација на растечкото анти-исламско движење наречено „Патриотски европејци против исламизација на Западот“ (ПЕГИДА). Цел на овој собир во Дрезден, како што наведуваат организаторите, е осуда на нападот на џихадистите во Франција, но критичарите истакнуваат дека тоа е всушност обид да се извлече корист од масакрот.

Лидерите на ПЕГИДА од учесниците на собирот побараа да носат црни ленти на надлактиците и да одржат минута молчење за „жртвите на тероризмот во Париз“, додека собирањето еуфемистички го нарекоа „вечерна прошетка“.

Би можело да ве интересира

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис

Над 20 повредени во нова автобуска несреќа во Германија-патниците биле средношколци

Горан Наумовски