Директорот на мртовечницата на Медицинскиот факултет Харвард и уште три лица се обвинети за трговија со украдени човечки останки.
Директорот Седрик Лоџ наводно земал „глави, мозоци, кожа и коски“ од трупови донирани на Медицинскиот факултет Харвард и ги продавал преку Интернет.
Според обвинението, тој и неговата сопруга Дениз продавале делови од тело на клиенти во Пенсилванија и Масачусетс во разработена шема која наводно траела од 2018 до 2021 година, пишува Би-Би-Си.
Обвинителите тврдат дека Лоџ ја искористил својата позиција како директор на Програмата за анатомски донации на Медицинскиот факултет Харвард за да ги распарчи труповите донирани за медицински истражувања.
Студентите од Харвард користат донирани тела за да учат и практикуваат медицински процедури. Кога училиштето ќе заврши со овие вежби, труповите често се кремираат, а посмртните останки се враќаат на нивните семејства или се закопуваат на медицинските гробишта на универзитетот, се вели во обвинението.
Директорот и неговата сопруга беа обвинети дека наместо да ја следат пропишаната процедура, собирале, продавале и испраќале делови од овие донирани тела.
„Седрик Лоџ повремено дозволуваше други да влезат во мртовечницата на Медицинскиот факултет Харвард и да ги прегледаат труповите за да изберат што да купат“, се вели во соопштението на американското обвинителство.
Во обвинението се именувани двајца купувачи – Кетрин Меклин од Масачусетс и Џошуа Тејлор од Пенсилванија.
Според извештаите, во 2020 година, Меклин купила сецирани трупови за околу 500 евра. Таа е сопственичка на продавница во која се продаваат играчки и кукли со допир на ужас.
Не е потврдено дали делови од труповите биле користени во нејзините производи. Во обвинението се наведува дека таа складирала и продавала човечки останки во продавницата.
Од друга страна, Тејлор извршила 39 електронски уплати на сметката на обвинетиот директор за украдени делови од телото во период од четири години.
„Некои злосторства му пркосат на здравиот разум. Кражбата и трговијата со останки на луѓе ја погодуваат суштината на она што не прави луѓе“, рече американскиот обвинител Џерард М. Карам во изјавата.
Сите четворица осомничени добија кривични пријави за заговор и меѓудржавен превоз на украдена стока. Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува затворска казна до 15 години.