Италијанската премиерка Џорџа Мелони е под судска истрага поради ненадејната одлука на Италија да ослободи либиски управник на затвор кој е под налог за апсење на Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Осама Елмасри Ним беше ослободен минатата недела по неколкудневен притвор по налог на МКС издаден за наводни злосторства против човештвото, пренесува Ројтерс.
МКС побара објаснување од италијанските власти и тврди дека Италија не била консултирана пред нејзината одлука.
Мелони во објава на социјалните мрежи откри дека е осомничена за проневера и помагање во кривично дело поврзано со тој случај.
Италијанската премиерка не мора да се повлече поради ова, а фактот што таа беше ставена под истрага во Италија не имплицира вина или значи дека ќе следуваат формални обвиненија, пишува Ројтерс.
„Нема да бидам уценувана и нема да дозволам да ме заплашуваат, а поради тоа, ајде да го ставиме вака, не сум сакана од оние кои не сакаат Италија да се промени и да стане подобра“, вели таа во видеото објавено на нејзиниот Фејсбук профил.
Под истрага се и министерот за правда Карло Нордио, министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси и владиниот потсекретар за разузнавање Алфредо Мантовано.